Ракометарите на Зеленортските Острови принудени да го променат хотелот – им се распаднале креветите!

Ракометарите на Зеленортските Острови нема по добро да ја паметат првата вечер од престојот на Мундијалот во Полска и Шведска.

По пристигнувањето во Шведска тие веднаш беа сместени во својот хотел во Гетеборг. Таму требаше да ги наполнат батериите и мирно да го започнат својот пат на СП.

Но, веќе при првата вечер се случи незгода за дури шест ракометари на Зеленортските Острови, на кои буквално им се распаднале креветите.

По ова реагираше нивниот личен спонзор Нилтон Делгадо, кој бараше преместување во друг хотел, и не пропушти да го искаже своето незадоволство и разочарување од организацијата на големото натпреварување.

,,Не знам што очекуваа луѓето од хотелот. Ракометарите се високи по 2 метри и тешки по 100 килограми. Сепак беа принудени да спијат на двокатни кревети кои за жал се распаднаа, па морав сам да ги преместам во друг хотел, каде мораа да се пријават и да бидат во кревет до полноќ. Беше доста незгодно искуство”, изјави Делгадо.

Нилсон Делгадо живее во Гетеборг, а во Шведска пристигнал од Зеленортските Острови на свои 15 години. Денес има свој бизнис со продавници за мебел, и заедно со уште два спонзори од Зеленортските Острови го помагаат престојот на оваа репрезентација во Гетеборг.

За разлика од репрезентацијата на Љубомир Обрадовиќ, домашната селекција на Шведска е сместена во луксузен Спа хотел во близината на Гетеборг.

Репрезентацијата на Зеленортските Острови дебитираше на Мундијалот во 2021 година но, поради корона хаосот немаше причини за задоволство. Неколку играчи беа заразени со Ковид 19, па така мораше предвреме да го напушти СП.

На Мундијалот се наоѓаат во групата Ц, каде за противници ќе ги имаат Уругвај (12 јануари), домаќинот Шведска (14 јануари) и Бразил (16 јануари).