Ракометарите летаат со чартер, во Каиро треба да пристигнат околу 19 часот

Машката репрезентација на Македонија денеска ќе отпатува во египетската метропола Каиро и ќе биде дел седми пат од Светското првенство.

Нашата делегација заминува од скопскиот аеродром во 16:30 часот со чартер лет и би требало да пристигне во Каиро околу 19:00 часот или по локално време околу 20:00 часот.

Во нашата делегација има 20 ракометари, кои веднаш ќе бидат тестирани со брз тест уште во аеродромскиот автобус, пред да им биде дозволено да се упатат кон хотелот во кој ќе бидат сместени.

Потоа ќе следуваат уште неколку тестирања, а избраниците на Данило Брестовац нема да имаат премногу време за адаптација и одмор, со оглед на тоа што веќе утре го играме првиот дуел со Шведска од 20:30 часот.

Покрај Македонија и Шведска, во групата Г ќе бидат уште домаќинот Египет и Чиле, кој беше совладан два пати на пријателски средби во Скопје.