„Противничките се бореа, а нашите ’глумеа’ фраерки и повеќе се грижеа за фризурите“

Репрезентацијата на Русија освои само бод на стартот на Олимписките игри во Токио, откако одигра 24-24 со селекцијата на Бразил. Иако и двете селекции во последните три минути имаа по две шанси за победнички погодок, ниту едните ниту другите не реализираа.

Во Русија дури и кога победуваат не се задоволни до крај, а сега по овој нерешен резултат веќе почнаа критиките. Тренерот Виктор Рјабих, што беше дел од стручниот штаб на претходните ОИ во Бразил имаше низа критики кон ракометарките во неговата анализа за „Брз Центар“.

„Ужас и катастрофа. Истото што беше на ЕП, продолжува и сега во Токио. Нема дисциплина, ракометарките прават тоа што си сакаат. Уште кога го видов стартот на мечот, знаев дека нема да победиме, дури и кога водевме со два или три гола. Тоа што не загубивме не е наша заслуга, туку поради промашувањата на Бразилките. Ведјохина би ја издвоил како светла точка. Таа на крајот беше толку вознемирена, за разлика од некои на кои им беше до смеа. Вјахирева се уште не е на ниво, голманките им даваа топки во раце на противничките, крилата не можеа да дадат гол, Сен сака да прифаќа топка со една рака….Дали тоа е добро. Не, мене ми личи на надменост. Бразилките се бореа, а нашите повеќе се грижеа за фризурите“, изјави Рјабих.

Олимпискиот првак Русија ќе има тешки ривали во продолжение на игрите во Токио и ќе игра против Франција, Унгарија, Шведска и Шпанија.