ПРОПУШТЕН Е ПОСЛЕДНИОТ ВОЗ: Македонија може(ше) да има директно место во ЛШ, но…

Управниот Одбор на Ракометната федерација донесе одлука исто како во машка, да важат резултатите од ланската сезона и во женска конкуренција при распределбата за местата во Европа.

Како и кај мажите, и кај жените, Македонија има висок рејтинг (8 место со коефициент 68,17) и има право на едно место во Лигата на шампионите, и тоа директно во групната фаза, плус три екипи во Лигата на Европа, која ќе има 16 екипи. Ова веројатно (беш) е последната шанса за женски првак од нашата држава да игра директно во групите, со оглед на тоа што од следната сезона се бришат резултатите на Вардар и рејтингот ќе паѓа.

Сепак РФМ одлучи да важат резултатите од лани. Металург беше прв, Куманово втор, ЖРК Вардар на третото место, а Пелистер на четвртата позиција.

Согласно тоа, Металург би требало да игра во ЛШ, Куманово, Вардар и Пелистер во Лигата на Европа. Не е јасна иднината на Вардар, па оттука местото би можело да и биде понудено на Стружанка, која беше на петтата позиција лани. Од следната сезона нема да биде дозволено клубови шампиони од земји што имаат рејтинг до 18 место да играат во послабо рангирани купови, па ако не се пријави Металург за ЛШ, нема да биде можно да игра во Лигата на Европа, а битолчанки не би можеле да играат во ЕХФ Купот.

Сепак кога се работи за ЕХФ, посебно во ситуација кога нема да има доволен број на пријавени клубови во европкуповите, може да биде направен исклучок од сите правила.

Раководството на Куманово бараше од РФМ да биде прогласен шампион во Женската лига, поради тоа што беа одиграни повеќе од половина натпревари за разлика од кај мажите, и најавија дека би ја искористиле шансата да се натпреваруваат во ЛШ, иако во моментов немаат конкурентен состав за таму. Доколку Македонија не го искористи местото за пријава во ЛШ, тоа би требало да и припадне на Шведска и тимот на Савехоф.