Проблеми за Вардар: Ристовски нема да брани против ПИК Сегед!

Европскиот шампион Вардар нема да може да смета на пролетното засилување на голманската позиција на средбите од осминафиналето против ПИК Сегед во Лигата на шампионите. Борко Ристовски му се приклучи на „црвено-црниот“ тим пред крајот на преодниот рок заедно со Марко Мишевски, но не може да биде пријавен во елитната конкуренција, со оглед на тоа што имаше настап за португалската Бенфика по 31 јануари.

ЕХФ веќе ги објави и составите на екипите со кои ќе може да играат во осмина-финалето, а на нив го има само Марко Мишевски. Нашиот репрезентативец ќе може да настапува за Вардар само во СЕХА Газпром лигата и во домашното првенство. Тој настапи на првиот четвртфинален меч од СЕХА лигата со Нексе во Хрватска и имаше добра и забележителна партија со неколку одбрани во клучните моменти, и заедно со Дибиров го предводеа тимот до триумф 31-30.

Голманот Ристовски беше во ростерот на Бенфика на три натпревари. Тој настапи на 1 февруари против Беленсес, на 5 февруари против Маиа и последниот настап го забележа на дербито со Порто на 25 февруари. Во четирите натпревари на Бенфика во ЕХФ Купот против Гвардиа Ополе, Силкеборг и Мелсунген, Ристовски не забележа ниеден настап.

Во правилата на ЕХФ за Лигата на шампионите оваа сезона, се вели дека ако некој играч настапил (сеедно дали во Европа или во домашниот шампионат) по 31 јануари, нема право за настап во елитната конкуренција.

Второто засилување, Марко Мишевски, нема настап за францускиот третолигаш Гренобл по 31 јануари, па тој може да биде регистриран за настап во Лигата на шампионите.

Вардарци ги очекува осминафиналниот двомеч против унгарскиот ПИК Сегед. Првиот дуел се игра на 22 март во Скопје, а реваншот на 29 март во Сегед.