ПРЕСИНГ: Исланд може да ги расипе сметките на четирите гиганти, Србија највисоко пласирана од екс-Ју просторите?

Нашиот поранешен репрезентативец Горан Ѓоргоноски, и ова Светско првенство ќе биде дел од тимот на аналитичари на www.24rakomet.mk. Секојдневно од стручен агол ќе ги анализира настапите на нашата репрезентација, на новите трендови во ракометот, да ги потенцира важните сегменти кои ги одлучиле натпреварите, кој е фаворит и зошто,кој каде погрешил или погодил. Ќе ги презентираме работите од друг агол. ПРЕСИНГ е колумна за најважните работи во ракометот...

Кој се селекциите, кои можат да им ги „расипат сметките“ на горенаведените владетели со светскиот ракомет? Во прв ред, селекцијата на Исланд, како фаворит од сенка за полуфинале, Норвешка и соседот Србија со шпански „шмек“ од клупата во името на Тони Џирона.

На нешто повеќе од три недели од завршувањето на СП во фудбал кое се одржа во Катар, за нас ракометните сладокусци стартува уште еден голем (за ракометни услови) настан, Светско ракометно првенство, кое од 11-29 Јануари ќе се одржи во Полска и Шведска, како „прва меч топка“ на учесниците за пласман на ОИ во Париз 2024, првенство со, за мој вкус, премногу селекции, дури 32, поделени во 8 групи, првенство на кое континуитетот на настапи го продолжи најуспешната национална селекција во историјата на нашата Македонија.

Првенство, кое, неоечкувано, ќе има примеси на Ковид протоколи (читај тестирања), создавајќи непотребна нервоза кај учесниците на истото, „тресејќи“ се над секој тест и на тој начин дополнително оптеретувајќи го ростерот на секоја селекција, имајќи предвид дека, погодени од традиционално (пре)густиот распоред на големи натпреварувања имаат проблеми со повредени или уморни (од ракомет) ракометари. НО, како што впрочем го завршивме „настапот“ на минатото големо натпреварување, со последната колумна во која дадовме осврт и на луѓето кои го водат европскиот и светскиот ракомет, кои водени од профитот и задоволување на апетитите на спонзорите (но воедно и своите лични апетити) “закажуваат” голем настан секој јануари, и не оставаат простор за одмор (не само физички) на истрошените ракометари кои учествуваат во најдобрите европски лиги. На тој начин ЕХФ и ИХФ продолжуваат да се ставаат во улога на „душмани“ на спортот за кој постојат и кој треба да го развиваат, и немаат намера да застанат…

Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска ќе „се емитува“  на специјализираниот портал, 24 Ракомет.

Кој е кој на светската ракометна мапа?

Каде завршува кругот на фаворитите и кој ќе ги дели медалите на крајот од месецот?

До каде можат да дотуркаат селекциите од поранешната СФРЈ?

Гледајќи го расплетот и поделбата на медалите на двете последни големи ракометни смотри, ќе се забележи повторувањето на селекциите кои стигнале до самиот крај, селекции кои и пред стартот на истите важеле за кандидати за највисок пласман, селекции кои години наназад, плус-минус се во врвот на ракометот. Скандинавските селекции Шведска и Данска, долгогодишниот владетел со светскиот ракомет Франција и земјата од која доаѓаат еден куп селектори на национални селекции и чиј што систем мометално владее со светскиот ракомет, Шпанија, биле на првите четири места и се главни фаворити при поделба на одличјата на престојното СП. Ја откривме Америка, што би рекле во наше време J

Шведска, како актуелен континентален првак и домаќин на престојното СП, го има приматот на фаворит број еден за настап во големото финале. Со, речиси, комплетен состав (недоставсува Карл Валиниус од Кил), предводени од норвежанецот Глен Солберг на клупата, „трите круни“ се чини се подготвени, повторно да завладеат со ракометот, повторувајќи ги успесите на славната генерација шведски ракометари Штафан Олссон, Магнус Висландер, Штефан Ловгрен итн, на клупата водени од, сега веќе покојниот, Бенгт Јохансон. Актуелниот состав предводен од, во моментов најкорисниот светски ракометар, Џим Готфирсон, засилен на голманската позиција со Микаел Апелгрим, најдобриот дефанзивец Оскар Бергендал и традиционално високо позицинирани играчи на крилните позиции, Шведска, со школски најдобро поставената 6-0, со селекција на играчи направена според нивниот квалитет и можност за користење пред се во дефанзивната формација, ќе ја „прелета“ групата „Ц“ и со одморен ростер ќе влезе во главната фаза.

Данска, слично како и својот скандинавски сосед, има релативно лесна група на ова СП, а на настапите во Малме ќе ги игра како на домашен терен и преполни трибини со свои навивачи, имајќи предвид близината на овој шведски град со Копенхаген. Атомскиот напад и феноменална транзиција, со вонсериски голман во името на Никлас Ландин, кој откако селекторот Јакобсен го изостави Емил Нилсен од составот, комотно ќе ја носи улогата (и бремето) на прв избор на голот,  надополнет со супер искусните Лауге Шмит, Мика Хансен, Мадс Менсах Ларсен и младите Гитсел и Саугструп ќе биде и повеќе од доволно за поминување на групата, и добра стартна позиција во следната фаза. За нешто повеќе и вклучување во поделба на медалите ќе биде потребно Данска да го има „стариот“ Миакел Хансен, кој сезонава, на клубско ниво, игра во променлива форма. Но, Хансен и во минатото „тешко палел“ на клубски план, но за националниот тим „паѓал на глава“.

Франција, физички најмоќната светска селекција, со најголем избор на левораки играчи на бековската позиција, но и тим без сериозно решение на позицијата голман, кој во континуитет ќе испорача квалитет на највисоко ниво и  проблеми со повредени играчи, има незгодна група, во која е домаќинот Полска и повратникот на големите настани, Словенија. Без Н’гесан и Деска на левата страна, но со Дика Мем и Људовик Фабрегас како носители „триколоирите“ имаат тим за респект и големи дострели.

Последната селекција од првиот круг фаворити, Шпанија, технички, најдобро дотераната група на играчи, со повратникот Алекс Дујшебаев во поле и годинава, феномеманиот Перез Де Варгаз меѓу стативите, ќе биде во конкуренција за (нај)висок пласман. Поради повреда ги нема крилните играчи, „пеналџијата“ Гомес Авељо и десноракиот Аритон Арињо, но „фуријата“ има широк ростер на квалитетни играчи, кои долго играат заедно и кои на ова првенство ќе имаат поддршка од Касадо и Тарафета, играчи кои го имаа своето „пеколно кршевање“ на минатогодишното ЕП во Словачка и Унгарија.

Кој се селекциите, кои можат да им ги „расипат сметките“ на горенаведените владетели со светскиот ракомет. Во прв ред, селекцијата на Исланд, како фаворит од сенка за полуфинале, Норвешка и соседот Србија со шпански „шмек“ од клупата во името на Тони Џерона.

Исланд со неверојатните Омар Инги Магнусон и Гисли Кристијансон, цврста и подвижна 6-0 зонска формација и најдобриот млад голман во светот на ракометот, Виктор Халгримсон е мој фаворит на ова СП и покрај тоа што се наоѓа во „групата на смртта“ заедно со Унгарија, Јужна Кореја и Португалија. Клучен момент може да биде поддршката од некогаш, најталентираниот светски ракометар, играч на инспирација и карактер со кој ретко кој тренер излегол на крај, Арон Палмарсон. Палмарсон веќе не е „прва вилоина“ во составот на „рибарите“ но може да биде и тоа како голема поддршка, решавајќи ситуации еден не еден во моменти на криза во нападот.

Норвешка, селекција која последните години е постојано веднаш позади водечките, во голема мера ќе зависи од моменталната психо-физичка состојба на „големиот“ Сандер Сагосен, имајќи предвид повредата која до неодамна го држеше надвор од теренот. Сагосен иако не е во поодминати години, а имајќи превид начинот на кој го практикува ракометот, има сериозни проблеми со повреди на колената и во таа насока и неговото „бегство“ од најсилната ракометна лига на светот и преселувањето во родната Норвешка.

И за крај, Србија, иако без вистински супер-ѕвезди во тимот, предводени од оската Дејан Милосављев-Лазар Кукиќ-Драган Пешмалбек,  одлично поставената игра од страна на селекторот Тони Џерона, со висока „бундес“ одбранбена формација, без турбуленции и скандали карактеристични за селекција од Балканот и силно, силно мотивирани играчи да покажат дека имаат квалитет може да биде пријатно изнендување на престојното СП.

Различни се предвидувањата на стручњаците за тоа како на ова СП „ќе поминат“ селекциите од поранешната СФРЈ, како регион со огромна традиција во ракометот. Словенија има состав кој е комбинација на искуство и младост и иако игра добро во подготвителниот период, се чини ќе треба време Урош Зорман да ги склопи коцките и да ја врати Словенија на старите позиции во светскиот ракомет.

Хрватска со доста проблеми со повредени играчи, традиционално просечни голмани и три супер ѕвезди во тимот ќе ја помине групата со Египет, Мароко и САД и ќе „вкрсти“ со „Х“ групата каде се наоѓаат Данска и Тунис. Релативно лесен пат до следната фаза, до каде се чини е и крајниот дотрел на „каубоите“. Читајќи ги мислењата на хрватската ракометна фела, и сами не веруваат во нешто повеќе.

Црна Гора, пријатното изненадување на минатото ЕП, предводена од Зоран Рогановиќ на клупата, црногорец кој ракометот го усовршува во Шведска веќе долги години, има состав кој е блиску до својот максимум, и со сигурност ќе ја помине групата во која Шпанија е апсолутен фаворит, а Иран со Веселин Вујовиќ и Чиле со шпански селектор ќе се борат за последниот патник во следната фаза. Со една цела постава играчи како Симиќ, Милош Вујовиќ, Чепиќ, Бранко Вујовиќ кои играат во супер квалитетната бундес лига, и (не)адекватни замени на клупата за резервни играчи имаат висок „вољни моменат“, но и се чини ограничен капацитет. Продолжување на настапите во втората фаза е приоритет најмалата (според население) екс-ју држава.

Кој е дострелот на (нај)новата селекција на Македонија предводена од селекторот Кирил Лазаров?

Во следната ПРЕСИНГ колумна, тука на 24 Ракомет.

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет За Секое Дете