Португалците едногласни: Еурофарм Пелистер е опасен тим, ама ние можеме до триумф

Тимот на Еурофарм Пелистер гостува по трет пат во Лигата на Европа, а овојпат дестинацијата е Лисабон.

Спортинг е тим што одигра два пати дома и два пати победи со еден гол разлика. Тренерот Рикардо Коста вели дека ако одбраната биде на високо ниво, имаат шанса за триумф над македонскиот тим.

„Еурофарм Пелистер е тим кој го промени ростерот и се засили со неколку реномирани играчи од германски тимови. Тоа е опасен и цврст тим, затоа мораме да одиграме најдобро ако сакаме да победиме, Ако почнеме со добра одбрана, секогаш имаме шанса да победиме. Тоа беше случај со последните два меча на домашен терен, ја задржавме одбраната на високо ниво, иако нападот не беше како што сакаме. Кога играме пред нашите навивачи со силни ривали, тоа е секогаш возбудливо и мотивирачки. Знаеме дека сме единствен тим во групата што нема загубено бодови дома, а тоа е клучно за нас. Со помош на нашата публика можеме до нова победа. Важно за нас е да го завршиме првиот круг со победа“, изјави Коста.

Пикерот Јонас Тидеманд вели дека посебно внимание треба да се обрне на Јосип Периќ.

„Сакаме да играме дома пред нашите навивачи, тие ни помагааат многу и сакаме да продолжиме да победуваме. Одлично е да се биде дел од Спортинг и да се игра пред публиката во „Жоао Роча“. Еурофарм Пелистер е опасна екипа и има цврста одбрана. Имаат добар плејмејкер, на кој мораме посебно да внимаваме“, изјави Тидеманд.

Натпреварот меѓу Спортинг Лисабон и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во „Жоао Роча“ со почеток во 20:45 часот.