Порто храбро се бореше, но ПСЖ ја однесе победата

Францускиот ПСЖ без новото засилување Лук Стеинс, прослави победа над португалскиот Порто со 29-28. Иако на полувремето имаа убедлива позитива, сепак на крајот мораа да стравуваат за бодовите.

Гостите беа рамноправни во првите десетина минути кога беше 5-5, но потоа Жерар запре неколку нивни акции, па за пет минути ПСЖ се одлепи на 9-5. Имаа и плус пет избраниците на Раул Гонзалес во првиот дел, но на пауза се заминаа со четири гола позитива, 15-11.

Во вториот дел ПСЖ имаше најчесто предност од четири до шест гола, а упорниот Порто по 27-22 на пет минути до крајот, успеа да намали на минус два, 27-25. ПСЖ не реализираше преку Пранди, па гостите со погодокот на Силва најавија возбудлив финиш, 27-26.

ПСЖ беше под пасивен напад на триесетина секунди до крајот, но Ремили погоди за мирен крај и плус два, 29-27. Во финишот погодија гостите за конечни 29-28. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Хансен со девет, како и Ремили и Нахи со по четири, додека кај Порто се истакна Салина со пет.

Македонскиот репрезентативец Никола Митревски бранеше во првото полувреме и собра четири интервенции од 19 упатени удари кон неговиот гол, а Кинтана во вториот дел запре исто толку удари на ПСЖ.