Охрид донесе нов играч пред двобојот со Алкалоид

Амбициозниот тим на Охрид за остатокот од плеј-оф фазата во Суперлигата ангажираше ново засилување во своите редови. Во тимот на Горан Андоновски пристигна членот од Радовиш, Јакша Вјештица, ракометар кој моментално е меѓу најдобрите пет стрелци во македонската елита.

Вјештица во Охрид пристигнува да ја засили бековската позиција, бидејќи клубот има проблеми со повредени играчи.

Ракометарот од Алжир, Абдерахим Будрали има повреда на коленото и не се знае точно колку ќе трае неговата пауза, додека Даниел Андоновски има повреда на раката.

Средниот бек од Србија на почетокот на оваа сезона го направи првиот интернационален чекор и ги засили редовите на Радовиш, кој не успеа да обезбеди настап во плеј-офот.

Младиот ракометар во својата кариера беше дел и од екипите на Морава, Земун, Нови Белград, Црвена Ѕвезда и Металопластика.

Дебитанскиот настап на Вјештица во дресот на Охрид се очекува да биде овој викенд кога тимот на Андоновски на свој терен ќе го пречека новиот суперлигаш Алкалоид во рамки од 4. коло од плеј-оф фазата.

Охриѓани во воведниот дел од разигрувањето за титулата, односно на првите три натпревари остварија една победа, против Еурофарм Пелистер 2, додека во дуелите со Вардар и Тиквеш беа поразени.