Ончев сигурен реализатор, Тримо со нов триумф се проби на второто место

Македонскиот интернационалец Тоше Ончев кој настапува во првенството на Словенија со својот тим Тримо Требње забележа нова победа, во 11. коло на домашен терен ја совладаа екипата на Љубљана со 39:34.

Откако одиграа две последователни нерешени средби ракометарите на Тримо се вратија на победите. После првото полувреме беа на добар пат рано да ја осигураат победата кога имаа предност од 21:15.

До 45. минута гостите направија пресврт на резултатот и стигнаа до ново водство после почетното. Сепак до крај на натпреварот Ончев и соиграчите не дозволија изненадување и ја запишаа седмата победа во домашното првенство со која се пробија на второто место на табелата..

Тоше Ончев уште еднаш одигра добар натпревар, тој беше сигурен реализатор на седмерците и постигна вкупно пет погодоци. Четири беа од седум метри и еден од игра. Во следното коло Требње ќе гостува на Градец.