Одредени шеширите пред ждрепката за ЕП 2020, Македонија ќе чека уште две години за настап

Европската ракометна федерација реши да ги откаже квалификациите за женското ЕП кое во декември ќе се одигра во Данска и Норвешка, а денеска ги објави шеширите пред жрепката која е закажана за 18 јуни во Виена.

Нашата женска репрезентација играше во квалификациска група против Чешка, Шведска и Португалија, а по откажувањето на останатите натпревари, на континенталниот собир патуваат Чешка и Шведска.

На ЕП во 2020 ќе играат 16 репрезентации, а последното со толку учесници ќе се одигра во 2022 во Македонија, Црна Гора и Словенија, па нашата репрезентација ќе го прекине постот од десет години без настап на големо натпреварување, иако во меѓувреме може да стигне до СП 2021 во Шпанија.

ЕХФ веќе одреди групите за домаќините. Данска ќе игра во групата А во Хернинг, додека Норвешка ќе игра во групата Д во Трондхајм. Таму ќе се игра и групата Ц каде е сместена Холандија, а Шведска доби место во групата Б во Фредериксхафен.

Шешири пред ждрепката:

шешир 1: Франција, Русија, Холандија, Романија.
шешир 2: Норвешка, Шведска, Унгарија, Данска.
шешир 3: Црна Гора, Германија, Србија, Шпанија.
шешир 4: Словенија, Полска, Чешка, Хрватска.

Главната рунда ќе се игра во Хернинг во Данска и Ставангер во Норвешка, додека финалниот викенд ќе се одржи во „Теленор Арената“ во Осло.