Одлично издание и победнички ден за Македонците во Бундес

Македонските репрезентативци кои настапуваат во Бундес лигата имаа одлично неделно попладне и сите тројца остварија победи. Мартин Томовски, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски дадоа голем придонес за победите на своите екипи.

Томовски блескаше на голот и со вкупно 17 интервенции беше еден од најзаслужните за победата на Лудвигсхафен на гостувањето кај Ерланген со 19:24. Уште по првиот дел гостите ја најавија победата кога имаа предност од 12:8. Во продолжението немаа проблеми да ја сочуваат предноста и да стигнат до бодовите.

Жарко Пешевски со Штутгарт забележа голема победа против Рајн Некар откако славеа со 32:28. На полувреме беше 15:11 и оваа предност беше доволна за конечен триумф. Репрезентативниот пикер на Македонија имаше ефикасно издание и постигна пет погодоци со само едно промашување.

И Филип Кузмановски се радуваше на победа на гостувањето кај Лемго. Хановер триумфираше со 26:24 на тешкото гостување со пресврт во завршните минути. На полувреме Лемго имаше водство од 13:11, но во продолжение на дуелот гостите брзо израмнија и најчесто беше еден позитива за домаќинот. Во завршницата подобро се снајдоа ракометарите на Хановер и остварија победа. Кузмановски на овој дуел постигна три погодоци и имаше едно исклучување од две минути.

Штутгарт и Хановер се наоѓаат на 12. односно 14. позиција на табелата, но се сигурни за опстанок во лигата, додека Лудвигсхафен е на 17. место во зоната на испаѓање и е на пет бодови до опстанок.