Одличен почеток и крај на Вардар за триумф во Охрид

Актуелниот македонски првак Вардар и полесно од очекувањата ги освои бодовите од гостувањето во Охрид, 26-23 (15-12). Како да ги „фатија на спиење“ домашните ракометари на почетокот, и токму тој период се покажа како решавачки. Со одличен почеток и крај, „црвено-црните“ не му дозволија на домаќинот да се радува во полната сала во СЦ „Билјанини Извори“.

Охрид само за момент најави можна драма, во 50 минута кога намали на 20-21, но потоа повторно Вардар ги искористи шансите и брзо зголеми на 23-20. Со триумфот Вардар останува на лидерското место на табелата, и ова е трет триумф на скопјани во меѓусебните дуели со Охрид сезонава.

Вардар тргна како „брз воз“ во Охрид и уште на самиот почеток направи предност од 4-1 по што тренерот на домашните Горан Андоновски беше приморан да побара тајмаут. До тој момент и голманот Мартин Томовски бранеше одлично, со три успешни интервенции.

Охрид се обиде да смени во напад, да игра со седум играчи во пол, но и тоа не им донесе предност, бидејќи по грешка на нападот на Охрид, празниот гол го погоди Филип Талески. Во 18 минута Гоце Георгиевски му го донесе највисокото водство на актуелниот шампион, 8-2, а веднаш потоа Мартин Томовски ја оствари седмата успешна интервенција.

Вториот дел од првото полувреме, домашните го искористија за брзи голови, и полека да ја намалат разликата која дојде до три гола, 12-9 во 27 минута. Со голот на Стефан Дрогришки од пенал во последната секунда, Охрид намали на 15-12.

Во второто полувреме Охрид „запна“ и успеа да намали на 20-21 во 50 минута. Тоа беше почеток на можната драма. Вардар ја одржуваше предноста на 2-3 гола, а решавачкиот гол го постигна Куни Моралес во 58 минута кога при резултат 22-24 погоди за водство од „плус 3“ на гостите.

Недановски: Тешко е да се игра во Охрид, најважно е дека ги освоивме бодовите

Талески: Секоја победа на гости значи многу за Вардар, Охрид покажа карактер

Андоновски: Имавме свои шанси, но не ги искористивме

Дрогришки: Лошиот старт беше клучен за поразот од Вардар