Четири македонски претставници Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и Бутел Скопје во следниот период ќе ги одиграат своите европски натпревари во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и ЕХФ Купот.
Вардар го чека двомеч со Висла Плоцк, па уште по една пресметка со Мелсунген дома и Нант на гостински терен. Висла Плоцк во 4 коло од полскиот шампионат славеше кај Стал Миелец со 35-23, иако на паузата водеше само со гол разлика, 17-16, но во вториот дел прими само шест гола. Во составот на Чави Сабате се врати Абел Сердио, а левото крило Фредерик Бјере беше најдобар стрелец со девет гола, а шест даде Ловро Михиќ. Пред гостувањето во Скопје, Висла Плоцк ќе одигра уште еден меч – дома против Сласк Вроцлав.
Германскиот Мелсунген, по пласманот во осминафиналето во Купот на Германија, загуби на гости кај Рајн Некар Левен со 30-29, додека Нант сензационално беше поразен дома од Тулуз со 30-28. Ова беше прв сезонски пораз за Нант, а прв сезонски триумф за Тулуз.
Еурофарм Пелистер за прв ривал ќе го има шпанскиот тим Ла Риоха, кој имаше победничко загревање за стартот на Лигата на Европа и гостувањето во Битола. Ла Риоха славеше на гостински терен кај Нава со 38-33. Голманот Кансио имаше 15 одбрани, Алваро Мартинез стрелаше седум пати, а шест гола даде Мигел Мартинез.
Ривали на пелистерци се уште и бундеслигашот Гумерсбах и полскиот Вибжеже Гдањск. Гумерсбах победи дома со Бергишер со 38-30 во меч на кој голманите Облинг и Биоска комбинираа 15 интервенции, а најдобри стрелци беа Алекс Душебаев со седум и Миро Шрулоф со шест гола.
Полскиот Вибжеже Гдањск не игра во најдобра форма на стартот на новата сезона и запиша втор пораз во четири меча во домашното првенство. Избраниците на Патрик Ромбел загубија на гостински терен кај Хробри Глогов со 32-31.
Tурскиот Спор Тото, против кој ќе игра Охрид во втората рунда од ЕХФ Купот, славеше на гости кај Гозтепе со 43-35. Досега ривалот на „гладијаторите“ запиша пораз само од Бешикташ во четири кола.
Тимот на Горица од Хрватска, ривал на Бутел Скопје во втората рунда од ЕХФ Купот, славеше против Карловац со 37-31. Голманот Марин Сориќ ја продолжува одличната форма на голот на Горица, додека Јаков Дујиќ постигна шест гола, додека Марко Грубишиќ и Јаков Нералиќ погодија по пет пати.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.
























