Нов трилер во шпанска режија – со гол од пенал до триумф над Норвешка

Европскиот шампион Шпанија ја забележа втората победа на Олимписките игри, откако славеше над Норвешка со 28-27. По претходниот драматичен триумф над Германија, „фуријата“ одигра уште еден таков дуел, на кој стигна до бодови со гол од пенал по истекот на времето. Македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов одлично си ја завршија задачата и на овој дуел.

Норвежаните отворија одлично на стартот. Имаа предност од 1-5, но не издржаа долго во ритамот што самите го наметнаа. Беше и 2-6, но ветераните Македа и Робледо набрзина намалија на 5-6 по добрите одбрани на Коралес.

Скандинавците повторно се одлепија на плус три, 8-11, но избраниците на Жорди Рибера повторно преку Македа и Робледо израмнија на 11-11. Сепак на паузата Норвешка замина со минимално водство, 13-14. Постигнаа уште еден гол во мрежата на Шпанија, но беше по истекот на времето и не беше признат.

По шест минути игра во второто полувреме беше 17-17, а Душебаев и Ентрериос првпат донесоа водство за Шпанија со 19-17. Беше 21-19, но Душебаев промаши во следната акција, па Бјорнсен и Рајнкинд израмнија на 21-21.

На десет минути до крајот европскиот првак стигна до највисоки плус три, 25-22, а беше и 26-23. Шпанците избрзаа со измена, Сармиенто доби две минути исклучување, а Јондал намали на 26-25 и беа најавени возбудувања во финишот.

Од безизлезна ситуација Фигуерас погоди за 27-25, Бјорнсен казни една шпанска грешка за 27-26 на две минути до крајот. Шпанците не реализираа, но затоа казни Јондал од пенал за реми, 27-27 и Рибера повика тајм-аут на дваесетина секунди до крај.

Фигуерас изнуди пенал, кој го реализираше Гомез по истекот на времето и радоста на Шпанците можеше да започне. Најдобри стрелци кај Шпанија беа Фигуерас со десет и Гарсија Робледо со пет погодоци, а голманот Коралес собра 16 одбрани. Кај Норвешка се истакнаа Јондал со девет и Сагосен со шест, како и голманот Бергеруд, кој имаше дури 16 интервенции.