Нов висок пораз за Вардар за крај на сезоната во Лигата на шампионите

Ракометарите на Вардар со уште еден пораз ја завршија сезоната во Лигата на шампионите откако и денеска загубија од Веспрем, овој пат со резултат од 30:39.

Шампионот на Македонија после високиот пораз на домашен терен од 24:41 не можеше до ништо повеќе ниту денеска и со неколку добри минути тешко можеше да се извлече подобар резултат.

Израмнетата игра во првите осум минути беше најава за интересна средба, но брзо после 6:6 стана јасно дека денеска нема да има можност да се направи ништо повеќе освен да се атакува на низок пораз. Домашните брзо дојдоа до плус три гола и оваа разлика ја имаа во добар дел од натпреварот.

Сепак, како одминуваше времето стана јасно дека ќе биде тешко да се обезбеди резултат кој ќе биде пристоен пораз. Во 22. минута веќе беше 15:10, а иако Веспрем имаше и плус шест на одмо беше 20:15 во корист на Унгарците.

За десет минути игра во второто полувреме веќе беше плус десет за Веспрем, а резултатот беше 30:20. Тука натпреварот беше загубен и прашање беше само разликата. Сепак, тука следуваа најдобрите седум минути денеска за Вардар и намалување на негативата. Вардар стигна до 25:31 и тука застана. За три минути беше загубено сè што беше добро направено и Веспрем стигна до 34:25.

До крајот остана само да се финишира оваа средба, но беше и повеќе од јасно дека ова ќе биде уште еден висок пораз, кој на крајот изнесуваше девет гола со конечни 30:39.

ВЕСПРЕМ – ВАРДАР       39:30 (20:15)

Сала: Веспрем Арена во Веспрем. Судии: Андреу Марин и Игнасио Гарсија Серадиља од Шпанија. Делегат: Петер Елеш од Унгарија.

ВЕСПРЕМ: Цупара (6 одб.), Коралес (6 одб.), Манасков 2, Омар Јахја 3, Мораеш 3, Тонесен 4, Нилсон 6, Лигетвари, Штрлек 5, Благотиншек, Шишкарев 6, Ненадиќ 3, Мае 2, Лукач, Македа 3, Борозан 2

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 2 мин.

ВАРДАР: Ристовски (9 одб.), Кизиќ (2 одб.), Шеваљевиќ 4, Валчак 2, Јагуриновски 1, Стоилов 5, Димитриоски, Георгиевски 3, Дисингер 1, Јотиќ 1, Калараш, Гаџа 2, Чупиќ 4, Дибиров 5, Векиќ 2

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.