Ново дерби за Николов и Начевски, ќе му судат на олимпискиот шампион од Рио

Најдобрата судиска двојка од Македонија, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов продолжува со судењето на одлични натпревари на Олимписките игри, а во 4. коло следува и четврто дерби во машка конкуренција.

Начевски и Николов ќе бидат на терен на средбата меѓу Португалија и Данска. Олимпискиот првак од Рио, Данска е и актуелен светски првак, а досега има три победи во Токио така што ова ќе биде интересен дуел бидејќи Португалците мора да нападнат со сите сили.

Досега Начевски и Николов ги судеа натпреварите меѓу Португалија-Египет, Шпанија-Норвешка и Франција-Германија така што може да се каже дека имаа три од петте најубави натпревари во досегашниот дел од машкиот турнир.

Меѓу официјалните лица за утрешните средби од 4. коло во машка конкуренција е и Драган Начевски. Делегатот од Македонија ќе биде на европските дерби средби. Тој е делегиран за средбите меѓу Франција-Шпанија, Португалија-Данска и Германија-Норвешка.