Ништо не се препушта на случајноста: Македонија e резерва, но ќе се подготвува како за настап на СП

Машката сениорска репрезентација на Македонија пред неколку дена дозна дека е поствена за прва резерва за Светското првенство во Египет, а ситуацијата е таква што постои можност за настап доколку некоја селекција одлучи да се откаже со оглед на тоа што пандемијата со коронавирусот и понатаму е присутна.

Иако местото во Египет не е загарантирано добро е да се биде подготвен за овие натпревари, па селекторот на Македонија, Данило Брестовац одлучи да не препушта ништо на случајот и да ги собере ракометарите.

На 24 декември ракометарите ќе имаат одново собир на кој ќе почнат со работа и ќе се подготвуваат како да играат на Мундијалот. Сепак, на списокот ќе бидат главно ракометари од домашното првенство кое треба да заврши во следните денови со оглед на тоа што се одигруваат средбите кои беа одложени.

За разлика од минатата година кога во овој период имаше турнири и покрај сениорската играше и кадетската селекција, сега нема такви можности поради пандемијата со Ковид 19. Оттаму останува да се види кои ривали се во опција за контролни средби, а имињата би требало да бидат познати во следниот период.

Подготовките ќе течат и според тоа дали ќе се отвори простор за учество на Светското првенство. Интернационалците би се придружиле после Нова Година, а доколку Македонија добие место на СП во последен момент ќе може подговена да се најде на шампионатот.