Ниту Н од неизвесност – Драчево лесно го „скокна“ Работнички

Екипата на Драчево обезбеди настап во групната фаза од Купот на Македонија откако без проблеми триумфираше против Работнички со 30:25. Иако се очекуваше неизвесен натпревар, сепак се беше во знакот на гостинските ракометари.

Драчево со головите на Јаховиќ и Андовски отворија со водство од 2:0 по пет минути игра. Домаќинот првиот гол го постигна во седмата минута и влезе во мала криза која се одрази врз самиот резултат. По водството од 6:4 за избраниците на Велимир Настески, тренерот на Работнички мораше да побара тајм-аут.

Драчевци ја контролираа играта до крајот на првиот дел, делуваа концентрирано во своите напади и исходот од нивната солидна игра резултираше со нивно водство од 12:6 во 22. минута. По 30. минути игра, составот на Драчево замина на пауза со предност од плус седум, 15:8.

Со серија од два гола, Драчево во второто полувреме зголеми на највисоки девет разлика, 17:8. При резултат од 22:12 за екипата на Драчево во 42. минута, јасно беше дека домаќинот нема никакви шанси за камбек. Останатиот дел беше само формалност и шанса на теренот за ракометарите со помала минутажа.

Најефикасен во Драчево беше Бобан Андовски со осум гола. Во поразениот табор, Дамјан Јакимовски беше прв стрелец со шест гола.

Куп на Македонија, елиминациско коло:
*прочитајте го извештајот од секој натпревар со клик на резултатот

Охрид – Преспа 38-21
Металург – Јехона 44-22
Голден Арт – Партизан Гевгелија 41-19
Пролет – Кичево 51-21
Јуниор КВ – Куманово 32-29
Скопје – Текстилец 35-19
Работнички – Драчево 25-30
Македонија Ѓорче Петров – Струга 26-37
Еурофарм Пелистер 2 – Металург РА 38-18
Астраион – Прилеп 25-37
Борец – Тиквеш 26-35
Бутел Скопје – Вардар Неготино 35-25
Шампион – Еурофарм Пелистер 13-40
Аеродром – Младост Богданци 29-24
Алкалоид – Радовиш 39-27