„Лалињата“ добија нов селектор

Машката репрезентација на Холандија доби нов селектор. На клупата на националниот тим од 1 октомври ќе седне 44-годишниот Марк Булт, кој ќе го наследи Стафан Олсон.

Олсон замина по неуспехот на Холандија да обезбеди пласман на Светското првенство во Германија, а неговиот наследник потпиша договор со репрезентацијата до Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.

Булт ќе продолжи да работи и како тренер на Нордхорн, кој настапува во Втората Бундес лига. Клубот ја поддржа одлуката тој паралелно да ги извршува двете функции.

„За мене многу значи тоа што станувам селектор на Холандија. Репрезентацијата отсекогаш имала важна улога во мојата кариера. Сакам да го пренесам моето знаење и искуство и да создадеме тим со кој луѓето ќе можат да се идентификуваат“, изјави Булт.

Неговиот мандат ќе започне со квалификациите за Европското првенство. Холандија на 5 ноември ќе игра против Финска, а три дена подоцна ќе гостува кај Литванија. Во март следуваат дуели со Хрватска.

Булт добива задача да ја врати Холандија на големата сцена, по пропуштањето на Мундијалот во Германија.