Никола Цветаноски заминува од КЛ7 – се сели во Струга

Откако не успеа да се пласира во разигрувањето за титулата, тимот на КЛ7 ќе има неколку промени во ростерот. Прв што заминува од клубот ќе биде левиот бек Никола Цветаноски, кој една и пол сезона го носеше дресот на новиот суперлигаш.

Цветаноски, кој претходно настапуваше за Вардар Јуниор, најверојатно во пролетниот дел од сезоната ќе игра за Струга. Стружани, кои имаа кратка ротација на бековските позиции, со доаѓањето на Цветаноски би требало да пополнат една празнина.

Претходно во Струга дојде Србинот Вукашин Ракоција, но се повреди и се уште не е јасно до кога ќе мора да паузира. Струга обезбеди место во плеј-офот и ќе игра против Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер, Пролет, Охрид, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје.

Во следниот период, ростерот на Струга би можел да биде засилен за уште еден играч.