Нема шега со олимпискиот и светски првак: Данска за десет минути ја реши Норвешка

Репрезентациите на Данска и Норвешка одиграа интересен натпревар во четврт-финалето од Олимписките игри, а актуелните олимписки и светски шампиони дојдоа до победа од 31:25. Кој ќе оди во следната фаза односно кој ќе игра во полуфиналето против Шпанија стана јасно на почетокот на второто полувреме кога Данците одиграа фуриозно и направија предност која потоа искусно ја чуваа.

Двете полувремиња имаа различен тек. Во првото полувреме имаше многу понеизвесна игра односно тек на резултатот во кој и двете селекции имаа свои моменти и никој не можеше да создаде поголема предност. Данска имаше контрола, но Норвешка покажа дека може да се надигрува.

Изненади моментот што Сагосен почна да попушта под притисокот што се виде уште по двете исклучувања добиени во 11. и 16. минута. Покрај тоа имаше и неколку грешки со што покажа дека нема да може да одговори на предизвикот наречен „пласман во полуфинале“. За разлика од него Микел Хансен одлично ги предводеше колегите и најави нов атак на медал.

Иако во финишотна првиот дел Норвешка успеа да дојде и до гол предност, сепак, на одмор се замина со водство на Данска од 13:12 и тоа беше најава за уште поинтересно продолжение на средбата.

Уште на отворањето на второто полувреме стана јасно кој оди понатаму. Набрзина Данска дојде до 19:15 и овие пет гола не ги испушти во ниту еден момент. Ландин помогна со неколку интервенции, а Микел Хансен имаше помош од своите соиграчи и лесно беше зачувано водството.

Поддршка добија и од Сагосен кој доби црвен картон на седум минути до крајот откако заработи трето исклучување, па остана само да се доврши задачата која финишираше со 31:25.

Хансен со осум гола, Холм со шест и Гидсел со пет беа најефикасните на овој натпревар. Ландин заврши со девет интервенции. Во Норвешка голманите не беа на ова ниво, додека во нападот и покрај нервозата осум гола имаше Сагосен, но и четири промашувања.