Најдоа дупка во законот: Абало за шест месеци ќе заработи 400.000 евра, Елверум ќе плати помалку данок

Норвешкиот тим Елверум го направи најсензационалниот трансфер летово со доведувањето на Французинот Лук Абало кој според норвешките медиуми ќе заработи 400.000 евра за само шест месеци.

Сепак луѓето од Елверум успеаја да најдат дупка во законот на Норвешка која ќе ја искористат да платат помал данок за платата на играчот.

Порталот  tv2.no ги отрки деталите од договорот на Лук Абало кој ќе добие сума од 400 илјади евра за неговиот ангажман во Елверум плус стан и автомобил. Ова за клубовите во скандинавските земји е многу висока сума што може да се споредува дури и со платите во ПСЖ.

Абало не се појави на првиот собир и ќе пристигне во Норвешка од 10 до 15 септември, а ќе помине најмногу шест месеци во земјата. Затоа Елверум ќе плати 15 проценти данок на неговата плата, наместо од 40 до 45 проценти ако Абало остане подолго од 183 дена.

Благодарение на овој член во законот Елверум заштедува многу пари. Најверојатно доколку норвешкиот тим не ги искористеше овие даночни олеснувања не би можел да го ангажира Абало.

Елверум гостува во Скопје во второто коло од Лигата на шампионите на 23 или 24 септември, па нејасно е дали Абало ќе биде дел ростерот на норвешкиот тим на ова гостување.