„Нашите ракометари играат за ’кикирики’, најголемите таленти заминуваат од државата“

Поранешниот репрезентативец на Хрватска, Ведран Зрниќ, беше остар во своите изјави за домашните медиуми во поглед на ракометната ситуација на репрезентативен и клупски план во неговата земја.

Зрниќ како најголем проблем го истакнува заминувањето на младите таленти од Хрватска во другите земји, а таков случај беше и со новата надеж на хрватскиот ракомет, Анте Иванковиќ. 20-годишниот ракометар од Дубрава се реши да го одбере словенечкиот шампион, Целје, како чекор плус во неговата кариера пред двата хрватски клубови, Загреб и Нексе.

„Ракометарот Иванковиќ не сакаше да дојде во Загреб и Нексе, а го избра Целје. Тука сите мора да се запрашаме – зошто најголемите ракометни таленти од нашата земја заминуваат во Словенија, зошто не сакаат да играат во најдобрите хрватски клубови? Верувајте ми, парите не се проблем, и Загреб и Нексе имаа пари за него, но тој не сакаше да дојде во овие клубови, желба му беше да игра Лига на шампиони. Сега нас Словенците ни ги земаат најголемите таленти, а голем број на ракометари и за ’кикирики’ заминуваат во втора или трета лига во Германија, а потоа исчезнуваат’, вели Зрниќ за „24Сата“.

Зрниќ упати пофални зборови за репрезентативците Жељко Муса и Марко Мамиќ кои одиграа на своето ниво на квалификацискиот турнир во Монпелје во натпреварите за место на Олимписките игри.

„Ние добро одигравме во Франција, а нашиот селектор немаше многу време за вистински подготовки. Не знам како нашата игра во спротивност би била поставена. На самите ракометари им одговараше неговиот пристап. За жал, имавме бекови без надворешни шутеви, премалку ракометари кои играа сериозен ракомет во два правци. Одбрана? Муса и Мамиќ тоа го одработија доволно коректно“, заврши Зрниќ.