Нацева: Македонија може да биде изненадување на ЕП

Македонија ќе биде еден од трите домаќини на претстојното Европско првенство во женска конкуренција заедно со Словенија и Црна Гора.

Поранешната македонска репрезентативка Гордана Нацева е избрана од страна на Ракометната федерација на Македонија за амбасадор на континенталниот собир.

Нацева смета дека одржувањето на ЕП во нашата земја ќе биде од голема корист за женскиот ракомет, кој полека но сигурно се враќа на старите патеки. Според Нацева, репрезентацијата на Македонија може да направи добар успех на Европското првенство.

„Ние сме свесни што ни се случува, но исто така сме свесни колку е важно што добивме можност да сме домаќини на едно големо натпреварување. Испраќам поздрав до нашата ракометна федерација, која ги вложи сите свои потенцијали за да го добиеме домаќинството на ЕП, кое се одржува во важен момент за нашата држава, кога женскиот ракомет полека, но сигурно се обидува да се врати на старите патеки. Тоа ќе биде еден голем мотив и импулс за нас. Се надеваме дека репрезентацијата на Македонија ќе има помош од трибините. Според мене, можеме да бидеме едно пријатно изненадување на првенството. Нашата публика  ќе има можност по подолго време да ужива во најдоброто од женскиот ракомет во Европа. Вториот предизвик е да бидеме добри домаќини и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, изјави Нацева.

Нашата женска репрезентација ќе игра во група со Холандија, Романија и Франција. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.

ЕП ќе се игра во четири града – Скопје, Подгорица, Целје и Љубљана од 4 до 20 ноември годинава. Актуелен бранител на титулата е селекцијата на Норвешка, која на Европското првенство 2020 во финалето ја совлада Франција со 22:20.