Мукаетов најави заминување од РФМ – познато е кој ќе го наследи како претседател

По девет години претседател на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов ќе се повлече од функцијата. Првиот човек на македонскиот ракомет и предводник на новоформираниот машки клуб РК Алкалоид, својата одлука за можно повлекување веќе ја најави во интервју за спортскиот портал Екипа.мк пред неколку денови со констатација дека „можеби е време раководната позиција во РФМ да ја превземе личност која ќе има желба, визија и стратегија и понатаму квалитетно да го развива македонскиот ракомет, а убеден сум дека таква личност во управниот одбор на Федерацијата има.“

Во спортските кулоари веќе се споменуваат повеќе кандидати кои се сметаат за најсериозен наследник на Мукаетов. Но, како „прв пик“ е членот на УО на РФМ, Александар Стефанов, сегашниот главен спонзор на машкиот клуб на Бутел. Тој е еден од најмладите членови на УО, поранешен ракометар кој неколку години го предводи клубот од Бутел. Стеванов во јануари годинава беше претставник на РФМ на состанокот во Љубљана на трите федерации домаќини на претстојното ЕП 2022 во женска конкуренција, во друштво со претседателот на Ракометниот сојуз на Словенија, Фрањо Бобинац, на Ракометниот сојуз на Црена Гора, Петар Каписода и првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер. Отсуството на Мукаетов и замената со Стефанов на промоцијата на ЕП 2022 и на состанокот на претседателите, беше примено како изненадување во ракометната јавност, но и како прв сигнал и најава за можна промена на челната позиција во РФМ.

Доколку се реализира најавата, Мукаетов би се повлекол од функцијата за неколку месеци. Особено се гласни критиките на дел од јавноста по настапот на сениорската репрезентација на ЕП 2022 на кое Македонија не обезбеди пласман во втората фаза и заврши на 22.место. Ова е трето големо натпреварување во серија на кое сениорите бележат слаб резултат. Освен во Унгарија сега во јануари, репрезентацијата имаше лош пласман и во 2021 година на СП во Египет, и претходно на ЕП 2020 година во Австрија. Младите надежи пак, летово не успеаја да ја освојат групата од „Б“ Европското првенство што се одржа во Скопје.

За да стигне до претседателската фотелја, Стефанов прво ќе треба да биде избран на Собрание. Засега се уште не е прецизиран датумот за годишното Собрание, но неофицијално истото треба да биде во март или април. Според информациите на 24Ракомет, планот е прво Стефанов да биде назначен за потпретседател на РФМ. Мукаетов би се повлекол од функцијата некаде во јуни, а според Статутот на РФМ до избор на нов претседател со федерацијата би раководел потпретседателот. Најдоцна во рок од 6 месеци треба да се организира Собрание на кое би се избрал нов претседател.

Но, назначувањето на Стефанов за претседател најверојатно нема да биде на сегашното, и очекувано Собрание во март или април, туку на следното до крај на годината, кое би било Вонредно изборно Собрание на РФМ.

Стефанов и актуелната раководна структура на РФМ би требало да ги реализираат сите обврски околу организацијата на сениорското ЕП 2022 во женска конкуренција што во ноември треба да се одржи во Македонија, Црна Гора и во Словенија. Во Скопје би требало да се играат мечевите од групна фаза и плус од главна фаза.

За денеска е најавен УО на РФМ каде се очекува како точка да се разговара за последното ЕП 2022 на кое Македонија го освои 22 место, најлош пласман во последниот период. Ќе се разгледува и извештајот на селекторот за настапот и причините за лошата презентација на македонскиот машки репрезентативен ракомет.