Познати групите за кадетскиот Мундијал

Светската ракометна федерација со ждрепка ги одреди групите за женското кадетско Светско првенство кое од 29 јули до 9 август 2026 година ќе се одржи во Романија.

На шампионатот ќе настапат 32 репрезентации поделени во осум групи, а домаќини ќе бидат Питешти, Миовени, Крајова и Валчеа.

Актуелниот светски првак Шпанија ќе игра во група со Германија, Гвинеја и Узбекистан, додека домаќинот Романија избра да настапува во групата Ф заедно со Кина, Казахстан и Уругвај.

Интересно ќе биде и во групата А, каде ќе играат Хрватска, Франција, Египет и Фиџи, додека Данска важи за фаворит во групата Б со Чешка, Јужна Кореја и Мексико.

Во главната рунда ќе се пласираат по две селекции од секоја група, а потоа ќе следува елиминациската фаза и битката за светската титула.

ИХФ дополнително соопшти дека Парагвај се повлекол од шампионатот, па последното место на турнирот дополнително ќе биде пополнето согласно правилата на федерацијата. Македонија не обезбеди место преку ЕП 2025, па единствена шанса е преку вајлд-карта.