Српскиот среден бек Тихомир Додер ја заврши богатата кариера на 46 години во дресот на Црвенка Јафа. Додер во Македонија мина седум сезони, а беше причина да се „скараат“ Вардар и Металург, како и тогашните тренери Веселин Вујовиќ и Лино Червар, по трансферот од Кале во Автокоманда.
Додер потекнува од школата на Југовиќ Каќ, а по заминувањето од Србија за првпат станува интернационалец во Кангас, каде мина четири сезони, две во Сегунда Дивизион, а две во Асобал лигата. Следува камбек на Балканот, во дресот на Вардар мина шест години и остави одличен впечаток. Србинот беше во „црвено-црниот“ тим до 2012 година, пред да се пресели во Металург.
Околу тој трансфер се крена многу прав, а дојде и до кавга меѓу Веселин Вујовиќ и Лино Червар. Проблемот беше во тоа што за време на сезоната Металург го договори трансферот, па откако се дозна за ова Вујовиќ беше лут и се обидуваше да ги расчисти сметките во Лино Червар после тренинг во салата „Борис Трајковски“ пред пресметка во СЕХА лигата. Додер одигра само една година во редовите на Металург и си замина откако не ја доби минутажата и улогата која што се очекуваше.
Следуваше преселба во Израел, а таму играше две сезони за Хапоел Ришон Ле Зион, две мина во редовите на Хапоел Ашдод, додека последните две настапуваше во Макаби Кирјат Моцкин. Таму освен играчка, имаше и тренерска улога. Сепак наместо крај на кариерата, тој се реши за нова авантура и камбек во Шпанија.
Таму играше за Кангас, пред да се реши за враќање во Србија, каде играше oдново за Југовиќ Каќ, Колубара, Кикинда, Херцеговац и Црвенка Јафа.


























