Мукаетов: Македонија ќе покаже дека има капацитет да организира светски настан

Македонија ќе биде еден од трите домаќини на претстојното Европско првенство во женска конкуреција заедно со Словенија и Црна Гора.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, вели дека Скопје и нашата држава ќе покажат дека имаме капацитет да организираме врвен настан.

„Тука се сите младински селекции кај дамите, како и А селекцијата на мажите. Идејата е да се дружиме, да покажеме дека едни за други сме тука и дека водиме грижа. Сите заедно да го работиме она што веќе го работиме во континуитет, а тоа е како да создадеме подобар македонски ракомет. Не чека организација на ЕП, на 5, 7 и 9 ноември треба да играме со срце, сите заедно да навиваме за Македонија. Очекуваме поддршка од нашиот народ да им ја даде поддршката на девојките што ја заслужуваат. Заедно да покажеме дека сме хомогени и да покажеме дека можеме да градиме додадена вредност на македонскиот ракомет. Ќе покажеме дека сме добри домаќини и дека во Скопје имаме капацитет да се направи нешто светски, а се трудиме и нашиот ракомет да биде европски и светски“, вели Мукаетов.

Македонија е во група со Холандија, Романија и Франција, а сите натпревари ќе ги игра со почеток во 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Европското првенство ќе се игра од 4 до 20 ноември, а Скопје ќе биде домаќин на една прелиминарна и на една група од главната рунда.