Мицевска: Ќе го дадеме последниот атом од силите, противниците доаѓаат во македонскиот вулкан!

Репрезентација на Македонија денес ги доби противниците за Европското првенство 2022, кое ќе се одржи во ноември, а Македонија заедно со Словенија и Црна Гора ќе биде домаќин на континенталниот собир.

Ривали на избраничките на Љубомир Савевски се репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. Една од голманките во репрезентацијата на Македонија, Јована Мицевска, која го носи дресот на Ница од Франција, е голем оптимист за Европското првенство.

Младата голманка се надева на добро претставување, но и на голема поддршка од трибините во СЦ „Борис Трајковски“. На Македонија за влез во втората фаза ќе и треба најмалку една победа, но сѐ ќе зависи како ќе се развиваат настаните во нашата група.

„Јас знам само едно, дека ќе го дадеме последниот атом од нашите сили. Веруваме, сакаме и ќе се бориме. Нека размислуваат противниците за нас, ние добро ги познаваме. Среќни сме што ќе играме на домашен терен и верувам дека со помош на нашата публика, како наш осми играч, противниците ќе го почуствуваат македонскиот вулкан. Сите заедно бевме во контакт додека траеше ждрепката и со нетрпение чекаме да започне Европското првенство. Во овој момент, атмосферата во нашата репрезентација е одлична, имаме доволно време за да се подготвиме. Оптимисти сме и веруваме во успех, со срце за Македонија“, изјави Мицевска.

Прв противник на ракометарките на Македонија ќе биде големата Франција на 5 ноември, додека два дена подоцна следува меч со Холандија.

Последниот натпревар на 9 ноември од прелиминарната група ќе биде со селекцијата на Романија. Терминот за старт на дуелите на Македонија најверојатно ќе биде 18:00 часот.

ЕП, жени, група Ц, распоред на натпревари:

5 ноември, Македонија – Франција 
7 ноември, Македонија – Холандија
9 ноември, Македонија – Романија

Пеколен распоред: Македонија отвора со Франција, на крај двобој со Романија