Мицевска и Колев со Ница испуштија сензација против Мец

Екипата на Ница каде што настапува голманката на македонската репрезентација, Јована Мицевска беше поразена на свој терен од Мец со 26:27 во плеј-оф натпреварувањето во домашниот шампионат. Мец е еден од фаворитите за освојување на шампионската титула покрај Брест Бретањ.

Иако во првото полувреме подобар противник беше Мец кој играше со својот најсилен состав, Ница направи неизвесна завршница до самиот крај со одличната игра во последните дваесетина минути од натпреварот.

Работите на терен радикално се сменија во корист на екипата предводена од македонскиот тренер, Марјан Колев и при водство од 26:25, Мец со двата гола од пенал на Тјаша Станко успеа да направи пресврт и да се израдува на важна победа.

Солидна меѓу стативите беше Јована Мицевска со седум интервенции, а на спротивната страна голманките на Мец имаа вкупно десет интервенции. Следен натпревар за Ница е против незгодниот тим на Париз.