„Мислам дека сум должен на соиграчите и навивачите, но ако не најдам мотивација – ќе си заминам“

Најдобриот ракометар на репрезентациајта на Данска и играч на франсускиот ПСЖ, Микел Хансен во интервју за evroman.dk говореше за неговите размислувања за завршување на кариерата.

Хансен рече дека најважно во донесувањето одлука за прекин на професионалната кариера е мотивацијата, кога ќе нема повеќе – нема ниту да игра.

„Кога ќе почувствувам дека повеќе не сакам да работам до крај на тренинзите, кога нема да седнам да размислувам и да подготвам план за себе, треба да размислам дали е време за крај. Мислам дека сум должен на соиграчите и навивачите, ако немам мотивација треба да заминам. Без разлика каде и да играв секогаш бев лидер на екипите и се трудев да бидам сè подобар. Ако веќе не морам да го правам тоа не гледам причина да продолжам да играм“, рече Хансен.

Микел Хансен моментално е најплатениот ракометар во светот, а неговата плата во ПСЖ изнесува 120.000 евра месечно. Тој има освоено златни медали на сите големи натпреварувања, а досега за репрезентацијата има одиграно над 200 натпревари и постигнато над 1000 голови.