Миркуловски и Вецлар го добија македонското дерби во Бундес лигата

Екипата на Вецлар каде што настапува Филип Миркуловски славеше на гостувањето кај Штутгарт на Жарко Пешевски со 31:24 во натпревар од 25. коло од Бундес лигата.

Штутгарт само во почетните минути имаше предност, а од резултат 4:4 во продолжението на натпреварот гостите имаа целосна контрола на играта и резултатот. После првите 30 минути Вецлар имаше водство од 18:12.

И во продолжението Пешевски и колегите немаа решение за противникот, сите обиди да се намали негативата беа неуспешни и на крај мора да се помират со нов пораз. Ова беше четврти по ред за Штутгарт, додека Вецлар продолжува со добрите резултати после победата во минатото коло над Рајн Некар.

Жарко Пешевски натпреварот го заврши со две реализации од два удари кон противничкиот гол и имаше едно исклучување од две минути. Филип Миркуловски на денешниот натпревар остана без бројки зад неговото име. Во следното коло Штутгарт игра против Лудвигсхафен, а Вецлар го пречекува Фуксе Берлин.