Матовиќ ја напушти Струга, Шведска е следната дестинација

Репрезентативниот голман на Црна Гора и член на Струга, Никола Матовиќ, од следната сезона ќе има нов интернационален предизвик, ќе настапува за клубот од Шведска, Амо.

Матовиќ во Струга пристигна во текот на оваа сезона од Железничар Ниш, имаше одлични настапи меѓу стативите во првиот дел од сезоната од Суперлигата и во изборот на 24 Ракомет беше избран за најдобар голман во регуларниот дел од првенството.

За време на Европското првенство во Унгарија и Словачка, Матовиќ заработи повреда во натпреварот против Исланд и поради тоа ги пропушти натпреварите од пролетниот дел во Суперлигата, односно дуелите од плеј-аут фазата.

Во својата кариера, освен за Струга, перспективниот голман на Црна Гора настапуваше за Железничар и Ловќен. Со репрезентацијата на Црна Гора го освои 11 место на континенталниот собир во Унгарија и Словачка кој се одржуваше на почетокот на оваа година.