Најдобар голман на полусезоната – Никола Матовиќ: Во Струга сум како дома, секогаш ќе имам тука пријатели

Специјализираниот портал за ракомет - www.24rakomet.mk традиционално го организира изборот за најдобар тим на полусезоната во домашното првенство. Во Изборот учествуваат публиката (читателите преку онлајн гласање), редакцијата на 24ракомет и новинари кои ги следат ракометните случувања во Македонија. Со собирање на сите гласови се избираше најдобриот тим од седум играчи, најдобриот тренер, дефанзивен играч, млад играч, странец... Во соработка со нашиот партнер Jamieson најдобрите добија и мали подароци...

Иако не брани во тим од горниот дел на табелата, голманот на Струга, Никола Матовиќ, имаше одлична полусезона и беше избран за најдобар голман во есенскиот дел од првенството на Македонија. Тој за ривали ги имаше Градимир Чаневски од Бутел, Даниел Дупјачанец од Металург, како и голманите од првата, односно втора екипа на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељ и Благојче Трајкоски. Токму таа конкуренција и освоената награда уште повеќе го истакнува квалитетот на Матовиќ.

Репрезентативецот на Црна Гора, кој играше и на последното ЕП во Унгарија, освои речиси 30% од гласовите на читателите во онлајн гласањето.

„Со самиот факт што се најдов меѓу такви имиња, освоената награда за мене е едно големо признание. Секогаш многу значи кога си награден за својот труд и работа. Мене ми е многу мило што публиката и новинарите го препознаа тоа, но тоа е само еден мал поттик да работам уште повеќе и подобро во мојата кариера, вели Матовиќ кој поради повреда на ЕП ќе паузира извесен период.

Стружани на секој домашен натпревар имаат голема поддршка од публиката и од навивачката група „Паткари“. Дерби пресметките со Охрид, секогаш ќе останат во сеќавањата на Матовиќ.

„Имаме одлична публика во Струга, секогаш е наш осми играч. Со таква публика и навивачи, секој натпревар на домашен терен е едно големо уживање. Тука би го издвоил дерби натпреварот против Охрид. Салата е секогаш полна, навивачите на ниво, а атмосферата постојано тензична. Тоа се натпревари за кои се живее и секогаш е феноменално да се биде дел од таква атмосфера. Дефинитивно, против Охрид е најтешко да се игра доколку ги тргнеме настрана Вардар и Еурофарм Пелистер“.

Трансферот од Железничар Ниш во Струга беше полн погодок за надежниот голман на Црна Гора.

„Во екипата на Железничар од Ниш бев скоро 3 години и мислев дека е време за нешто ново. Понудата од Струга дојде во вистинско време и мислам дека направив полн погодок со изборот на клубот, бидејќи добив се што му треба на еден млад играч за да напредува“.

За време на Европското првенство во Унгарија и Словачка, Матовиќ на натпреварот против Исланд заработи повреда на коленото. Поради тоа, тој до крајот на сезоната нема да им биде на располагање на своите колеги. Црногорецот со Струга има потпишано едногодишен договор и сѐ уште не знае дали ќе има продолжување на соработката.

„Натпреварот со Исланд беше кобен за мене, но нема разочарување, одиме напред, оптимистички како и досега. Операцијата е направена пред скоро еден месец. Опоравувањето е во тек и се надевам дека ќе бидам подготвен за почетокот на следната сезона. Во моментов најважно ми е добро да се опоравам и потоа ќе размислувам за понатамошниот тек на мојата кариера“.

Раководството на Струга експресно најде замена за Матовиќ и во своите редови го донесе неговиот сонародник, Василије Печурица. Младиот голман во Струга пристигна од екипата на Будуќност и веќе се покажа во одлично светло меѓу стативите во својот нов клуб.

„Го следев развојот на Василије и имам само пофални зборови за него. Мислам дека би можел да му помогне на клубот во борбата за опстанок. Се работи за многу квалитетен и талентиран голман и мислам дека Струга направи уште еден вистински потег кога е во прашање голманската позиција (се смее). Од моето искуство мислам дека шампионатот на Македонија е совршена отскочна даска за сите млади и талентирани играчи. Лигата во Македонија од година во година станува посилна, а многу е важно што Вардар и Еурофарм Пелистер играат уште од самиот старт на првенството“.

Црногорскиот голман имаше пофални зборови за клупскиот ракомет во Македонија и популарноста низ медиумите на самиот спорт.

„Пред да дојдам во Струга, слушнав многу работи за Македонија и на крајот се уверив дека е земја на ракометот. Луѓето тука живеат за спортот и секој викенд можете да видите исполнети сали во секој град. На почетокот ми беше тешко да се навикнам на град како Струга, но многу брзо се прилагодив на средината. Во Струга се чувствував како дома и што и да се случи, знам дека секогаш кога ќе можам, ќе го посетам градот и дека секогаш во Струга ќе имам пријатели. Македонскиот клупски ракомет е на многу повисоко ниво за разлика од црногорскиот. Тука во Македонија ракометот добива голем простор во медиумите, кај нас тоа не е така. Многу талентирани ракометари ја напуштаат Црна Гора уште пред да наполнат 18 години и се надевам дека тоа ќе се промени во иднина за доброто на ракометот во нашата земја“.

Струга не успеа да обезбеди пласман во плеј-офот и преку натпреварите во плеј-аут фазата ќе се бори за опстанок во Суперлигата.