Марјан Колев на лето заминува од Ница

Македонскиот стратег Марјан Колев по шест години, на лето ќе замине од францускиот клуб Ница.

Клубот веќе го потврди ангажманот на новиот тренер за следната сезона, а се работи за Клемен Алкасер, кој досега работеше во центарот за формација на шампионот Мец.

Колев ја одработува шестата сезона како прв тренер на тимот и за тоа време успеа со лимитиран играчки кадар и буџет да биде вицепрвак на Франција во 2019.

Освен тоа Ница беше дел и од Лигата на Европа во сезоната 2019/20, полуфиналист на Купот на Франција во 2017 и 2018 година, а во клубот играа ракометарки како Кармен Мартин и Линеа Торстенсон.

Покрај Колев, членка на Ница трета сезона е македонската голманка Јована Мицевска.