Македонското дуо со официјално деби за Ваљадолид

Двајцата ракометари од Македонија, Дарко Димитриевски и Димитар Димитриоски го имаа официјалното деби за екипата на Ваљадолид, која е предводена од екс тренерот на Вардар, Давид Писонеро.

Во рамки од првото коло во Асобал лигата, екипата на Ваљадолид не успеа со победа да ја започне новата натпреварувачка сезона и беше поразена од екипата на Куенка со 33:28 (18:16).

Дарко Димитриевски беше меѓу најдобрите стрелци во екипата на Ваљадолид и натпреварот го заврши со три постигнати гола од четири обиди, додека Димитар Димитриоски постигна еден гол во мрежата на гостинскиот тим.

Ваљадолид за првите бодови во новата сезона ќе се бори во следното, второ коло, на гостувањето кај Хуеска, која во првото коло ја совлада Торелавега.