Македонските екипи на мака: ЕХФ бара котизација од 20.000 евра за учество во Лигата на Европа!

Челниците на Европската ракометна федерација со својата одлука да ги прекинат сите натпревари во еврокуповите, освен завршните турнири во двете конкуренции во ЛШ, го навлекоа бесот на многу клубови, но и национални федерации со оглед на тоа што ги откаажаа и квалификациите за СП во Египет 2021 година.

Новиот бран незадоволства се чини дека допрва ќе претстои. ЕХФ донесе одлука – сите клубови што сакаат да учествуваат во Лигата на Европа ќе мора да уплатат 20.000 евра. Но тоа не е се. Во салата во која ќе се играат натпреварите ќе мора да има специјална подлога во сина боја, два големи екрани позади секој гол минимум 80 метри должина.

А најлошото е што во салата може да се рекламираат само два спонзори на клубот наместо осум колку што беше дозволено минатата сезона. Останатите спонзори ќе бидат од Европската ракометна федерација.

Македонија во Лигата на Европа би требало да ја претставуваат Еурофарм Пелистер, Металург и Охрид, Бутел или Пролет. Можеби за битолчани не би било проблем да ја платат котизацијата, но сите останати ќе мора да вложат дополнителни напори за да обезбедат финансии за учество во Лигата на Европа.

За да се исплати вложеното, клубот мора да стигне најмалку до завршниот турнир што ќе биде многу тешко. Победникот таму добива 100.000 евра, вториот 50.000 евра, третиот 40.000 евра, а последниот 30.000 евра, а во Лигата на шампионите, премиите се значително повисоки. Термините за Лигата на Европа во новата сезона ќе бидат вторник или евентуално среда, од 18:45 или 20:45 часот.