Македонската колонија во Кастриоти ги заврши европските настапи

Екипата на Кастриоти, која е предводена од македонскиот тренер Аце Станковски доживеа елиминација во Европскиот Куп, откако во првата фаза на двапати беше поразена од Грачаница.

Босанската екипа и двата дуели, кои беа одиграни во Грачаница, ги доби со ист резултат, 36:22. Во Кастриоти покрај тоа што Аце Станковски е тренер, настапуваат и двајца ракометари од Македонија – Кристијан Анастасовски и Борис Ристовски.

Анастасовски на вториот дуел против босанската екипа беше најдобар стрелец, постигна пет погодоци, додека Ристовски додаде три, а на првата средба македонското дуо постигна три гола, од кои два беа дело на Анастасовски.

Исландски ИБВ е втората екипа која обезбеди пласман во вториот круг од Европскиот Куп по двете победи кои ги имаше против Холон од Израел. ИБВ на првиот дуел триумфираше со 41:35, додека на втората средба забележа минимален триумф од 33:32.

Реванш натпреварите од останатите дуели од Европскиот Куп ќе се одиграат следниот викенд кога ќе бидат познати сите патници во втората фаза.

ЕВРОПСКИ КУП, ПРВО КОЛО, РЕЗУЛТАТИ:

ДРАГУНАС – ДИНАМО ПАНЧЕВО 20:30 (12:16)
ЗУБРИ – ИЗМИР 40:29 (21:17)
ДУКЛА ПРАГА – РАДНИЧКИ 31:29 (14:14)
ЛИНЦ – ИЗВИЃАЧ 34:32 (22:15)
ДИОМИДИС АРГУС – ФИВЕРС 27:30 (13:14)
САСАРИ – БРИКСЕН 29:24 (16:11)