Македонија ќе има финалист во Задар – Манасков и Веспрем подобри од Мотор

Екипата на Веспрем дојде до победа против Мотор во второто полуфинале откако го совлада претставникот на Украина со 36:29 така што в недела ќе игра во финалето против екипата на ППД Загреб.

Составот на Веспрем имаше повеќе од играта во поголемиот дел од средбата, а во клучните моменти покажа дека и покрај многуте промени има тим кој ќе биде конкурентен во битката за титулата.

Во денешното второ полуфинале, Мотор беше добар ривал до 25. минута од средбата. Две минути претходно тимот резултатот беше нерешен, 13:13, а потоа во завршницата од натпреварот дојде до целосна доминација на Веспрем и серија од 6:0. Тука беше обезбедена убава позитива со која се отиде на мирен одмор. На паузата беше 20:14.

Вториот дел донесе одново добра игра на Мотор, но негативата беше преголема. Поточно, Веспрем има доволно искусни ракометари кои не би дозволиле да загубат така убава предност. Иако во 44. минута беше 25:23, следуваше одново подобра игра на Вепрем, за да нема никаков проблем до крајот да се дојде до победа со која ќе се обезбеди ново финале.

Во финишот дури беше зголемено и до осум гола разлика, 35:27 и 36:28, а Мотор само го ублажи поразот, па на крајот резултатот беше 36:29.

Дејан Манасков имаше два гола на оваа средба, а најефикасни во Веспрем беа Маргуч со девет и Ненадиќ со седум гола. Во тимот на Мотор прв стрелец беше Хориха со осум погодоци. Цупара беше еден од клучните играчи во Веспрем кој откако влезе во финишот на првото полувреме до крајот на средбата собра 13 одбрани.

Финалето в недела се игра од 19 часот, додека претходно од 16:30 часот ќе играат поразените од денешните полуфиналиња во битката за 3. позиција.