Македонија триумфално против Луксембург, ќе игра за петто место на ЕХФ шампионатот

Машката младинска репрезентација на Македонија забележа победа над селекцијата на Луксембург со 27-23 и ќе се бори за пласман на петтото место на ЕХФ шампионатот во Варна.

Неизвесно беше само во првите петнаесетина минути кога беше 6-6. Потоа стрелаа Карасманакис и Шулески за водство од 8-6, но ривалот набрзина се врати во игра и израмни на 8-8.

Со неколку одбрани на Брестовац, Македонија се одлепи на 11-8, а ривалот за десет минути даде само еден гол. На спротивната страна, нашите ракометари го полнеа голот на Луксембург и на пауза веќе беше 15-9.

Во второто полувреме грешките на Луксембург беа казнувани со лесни погодоци од Македонија, а Димевски на десетина минути пред крајот донесе плус осум, 26-18. Тотиќ доби црвен картон по една негова грешка, но тоа не влијаеше на резултатот.

До крајот се играше само формално иако ривалот ја преполови негативата во финишот, а шанса за настап добија сите ракометари од клупата. Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Тотиќ со пет, како и Тодески и Шулески со по четири, додека голманот Брестовац имаше девет одбрани.

Ривал на Македонија во мечот за петто место ќе биде репрезентацијата што ќе слави на дуелот меѓу Украина и Велика Британија, утре со почеток во 12:00 часот.