Македонија со чартер лет за Краков, Лазаров ќе смета на 18 ракометари

Машката репрезентација на Македонија ги одработува последните тренинзи пред заминувањето за Краков, каде што ќе игра на Светското првенство во Полска и Шведска.

Ракометарите ќе патуваат со чартер лет за Краков, на 12 јануари во 11:30 часот, а вечерта истиот ден би требало да имаат тренинг.

Селекторот Кире Лазаров ќе носи 18 ракометари во Полска, а списокот ќе биде познат дополнително.

Од 23 ракометари кои беа на првиот скратен список, најпрво отпадна Едвин Омерагиќ поради повреда, по дуелите со Црна Гора десното крило Александар Петковски, па од 21 ракометар кои останаа во комбинација ќе отпаднат уште тројца.

Македонија е во група со Норвешка, Холандија и Аргентина, а првиот натпревар на СП го игра против Норвежаните на 13 јануари.