Македонија без шанси против Романија, далеку е полуфиналето на ЕХФ шампионатот

Машката младинска репрезентација на Македонија, во најголем дел составена од кадети, загуби со 31-21 од Романија и ги намали шансите за пласман во полуфиналето на ЕХФ шампионатот. Победникот беше решен на стартот на второто полувреме, кога Романија даде три гола во серија и се одлепи на висока разлика, која до крајот тешко беше да се стигне. За место во полуфинале, Македонија мора да победи против Швајцарија и да чека кикс на Романија против Украина.

Во првите десетина минути се играше гол за гол до 5-5, пред нашиот напад да направи неколку технички грешки во серија, па Романија се одлепи на плус три, 8-5. Таквата предност ја одржуваа во следниот период. Во 20. минута, од пенал Романија доби пенал кој Катона го претвори во погодок и ривалот веќе имаше сигурни плус четири гола предност, 12-8. Голот на Романците како да беше маѓепсан, па неколку пати погодувавме пречка. Но и голманот Паска беше одличен во финишот на полувремето. Романија се одлепи на 15-10, намаливме на 15-11, имавме и пенал за минус три на пауза во последната секунда, но Петковски не погоди.

На стартот на вториот дел, нашата селекција со задоцнување се појави на теренот, па добивме казна од две минути. Романците за пола минута дадоа уште два гола за 17-11, а нашите ракометари два пати згрешија во нападот. Разликата се зголемуваше до 18-11, па уште по три минути во вториот дел селекторот Бранко Ангеловски мораше да бара тајм-аут. Советите вродија со плод, одбраната беше стегната, па Македонија намали на 19-15. Романија даде гол за 20-15, во продолжение голманот Галевски забележа три одбрани, но не реализиравме во нападот. Иваноски беше грубо фаулиран од Бруј, кој доби црвен картон, а нашиот десен бек доби казна од две минути поради реакцијата.

По две грешки имаше во нападот на двете селекции, пред високиот Деду да врати сигурни плус шест, 21-15 во 45. минута. Беше и 23-16, па веќе беше јасно каков тек ќе има натпреварот до крај. Сите грешки на македонските ракометари, беа казнувани лесно од Романците, кои на крајот славеа убедлив триумф, 31-21.

Голманот Галевски запиша 13 интервенции, а најдобри стрелци беа Петковски со шест и Тодески со пет гола, но со многу слаб процент на реализација. Утре Македонија го игра последниот натпревар од групата против Швајцарија од 14:00 часот.