Македонија без сили, Холандија оди во главната рунда!

Репрезентацијата на Македонија го доживеа вториот пораз на Европското првенство 2022, откако во дуелот против Холандија беше поразена со 30:15 во натпревар од групата Ц. Холандија со двата освоени бодови против Романија и Македонија обезбеди пласман меѓу 12-те најдобри репрезентации на континенталниот собир.

Избраничките на Пер Јохансон го отворија натпреварот со голот на Смитс за водство од 1:0, откако во воведниот дел и двете репрезентации не реализираа во неколку напади. Холандија во 5 минута имаше и 2:0, а првиот гол за Македонија во дуелот против ,,лалињата” го постигна кружниот напаѓач Сања Дабевска, која намали на 2:1. Холандија со четири брзи гола дојде до ,,плус пет” и водство 6:1.

Лошиот старт беше причина Савевски во 10 минута да побара тајм-аут, со цел неговите избранички да заиграат подобро во нападите и одбраната. Серијата од 4:0 на Холандија беше прекината со голот на Кипријановска за намалување на негативата на 6:2, а во 12 минута Ристовска реализираше за 6:3.

Поранешниот светски шампион кон средината на првото полувреме со три гола во низа зголеми на 9:3 и до крајот на првото полувреме имаше целосна контрола на резултатот. Средниот бек на Македонија, Моника Јанеска за момент намали на 9:4, но брзите холанѓанки за една минута постигнаа два гола и дојдоа до позитива од плус седум, 11:4.

Македонија на моменти покажуваше квалитет, се обидуваше да фати приклучок и по водството на Холандија од 12:5, ракометарките на Савевски за момент намалија на 12:7, но големиот број на технички грешки беа причина за убедливото водство на Холандија, која во последните десет минути од првото полувреме влезе со активен резултат од 13:7. До крајот на првиот дел немаше поголема промена на резултатот, македонската селекција бркаше негатива од пет-шест гола разлика, а по 30 минути игра резултатот беше 17:9 за ракометарките на Јохансон.

И двете репрезентации во вториот дел влегоа во грч и првиот гол во второто полувреме го постигна Холандија во 33 минута за 18:9. Македонија со погодоците на Кипријановска и Џатевска намали 18:11 и во неколку наврати беше подобриот противник на теренот. За десет минути игра во второто полувреме по три гола беа постигнати од двете страни, па така во 40 минута водството на Холандија беше 20:12.

ЕУРО2022 Група Ц, Македонија vs Холандија

 

Веќе сѐ беше јасно во последниот период од натпреварот кога Холандија имаше резултатска предност од 22:14. Следуваше период во кој двете репрезентации цели пет минути не можеа да постигнат погодок. Поискусните ракометарки на Холандија не дозволуваа опуштање во своите редови и во 50 минута имаа ,,плус десет” 24:14. Репрезентацијата на Македонија од 44 минута, па сѐ до крајот успеа да постигне само еден гол. Холандија рутински ги одработи последните минути и со триумфот над Македонија обезбеди пласман во главната фаза на континенталниот собир.

Најефикасна во победничката репрезентација беше Ингер Смитс со седум погодоци. Во таборот на Македонија се истакна Сара Ристовска со четири погодоци.

Во последното, 3 коло, од групата Ц, Македонија ќе игра против Романија, додека Холандија ќе оди на мегдан со актуелниот олимписки првак Франција.