Магијата наречена Вардар: Заминаа од клубот, играа на Ф4 во Келн – ама титула повторно никој не освои!

Сите што заминаа од Вардар во времето кога „црвено-црните“ беа трипати на Ф4 турнирот никогаш не успеаја да го повторат успехот што го направија со македонскиот првак. Оние што веруваа во клубот имаат два златни медали од Лигата на шампионите.

Вардар е дел од елитното европско ракометно друштво со Барселона, Загреб, ТЕКА Сантандер, Монпелје, Кил, Металопластика, Дукла Прага, Сиудад Реал, Maгдебург….и може да се пофали дека има освоено повеќе од една титула во Лигата на шампионите, или некогашниот Куп на европските шампиони. „Црвено-црните“ го кренаа пехарот во 2017 и 2019, а во три сезони во македонскиот тим продефилираа многу ракометари, квалитетни или помалку квалитетни. Играа и на Ф4 турнирот во 2018 година, три сезони по ред се бореа за европскиот трофеј.

Откако заминуваа од Скопје, дел од играчите што освоија трофеј со Вардар, се враќаа во Келн, но не успеваа повторно да се радуваат на нов успех. Оние што останаа и во најтешкиот клупски период освоија и втора титула.

Во сезоната 2016/2017, кога Вардар со по еден гол разлика ги победи Барселона и ПСЖ, остана без Алекс Душебаев и Александар Деревен. Русинот оттогаш не ни игра во Лигата на шампионите, додека Душебаев со Келце, еднаш беше дел од Ф4, но заврши само со четврто место.

Во сезоната 2017/2018, Вардар повторно стигна до Ф4 во Келн, но таму беше поразен од Монпелје и ПСЖ, па заврши четврти. По тој настап, започна егзодусот од македонскиот тим. Заминаа Штербик, Милиќ, Македа, Марсениќ, Абутовиќ, Циндриќ, Кањелас, како и тренерот Раул Гонзалес. Циндриќ заедно со Душебаев успеа следната година да стигне до Ф4, исто како и Штербик со Вепсрем, но Вардар се испречи на патот на унгарскиот тим до историска титула. Останатите што заминаа или не играа во ЛШ, или не успеаја да стигнат до завршницата.

Иако Вардар ја освои втората титула во историјата во сезоната 2018/2019 со сензационалната победа над Барса во полуфиналето и потоа со триуфмот над Веспрем во финалето, повторно имаше многу измени во играчкиот кадар. Сепак успеа да стигне до осминафиналето во ЛШ, кое беше откажано поради коронавирусот. Заминаа Војводиќ, Кисељов, Недановски, Борозан, Мишевски, Оцвирк, Поповски, Карачиќ, Милосављев, како и тренерот Парондо.

На Ф4 од сезоната 2019/2020 играа најдобрите од групната фаза – Веспрем, Барселона, ПСЖ и Кил. Од екс вардарците кои освојуваа титули со „црвено-црните“ во Келн сега беа Лука Циндриќ, Даинис Кристопанс, Вуко Борозан, Рожерио Мораес, Хорхе Македа, Данил Шишкарев, а во унгарскиот тим членови на стручниот штаб се Арпад Штербик, Давид Дејвис и Марија Лојаница.

Само еден од нив имаше шанса во финалето против Кил, Лука Циндриќ да го „скрши“ тоа проклетство, но Барселона загуби од Кил и останува да ја чекаме следната година и новиот Ф4 да видиме дали екс вардарците кои освојуваа титули со македонскиот тим ќе се вратат на тронот. Дали тоа е само случајност или можеби не…

Вардар ја има(ше) магијата за успех…