Лино ги предложил и Ивано Балиќ и Славко Голужа за наследници, но…

После неколку дена шпекулации за тоа како беше одбран Хрвоје Хорват за селектор и многуте случувања во репрезентацијата се огласи потпретседателот на Ракометниот сојуз на Хрватска, Зоран Гобац кој објасни кои кандидати биле предложени од страна на Лино Червар за него наследник и зошто се случило тоа.

„Червар во 2018 година беше именуван од Ракометниот сојуз на Хрватска за координатор на сите машки селекции. Значи, Лино не е именуван на таа позиција во минатата година туку пред три. Според тоа неговата задача беше да предложи кандидати. Тој имаше тројца тренер и ги предложи: Хрвоје Хорват, Славко Голужа и Ивано Балиќ. Според мене трите кандидати се коректни и од спортска страна ги задоволуваат условите. Единствено Ивано мора да го заврши своето обраување за да може да биде кандидат. На Ивано никој не може да му го земе ракометното знаење, но мора некои работи да ги положи и нормално во иднина ќе биде еден од кандидатите“, вели Гобац.

Новиот селектор бил избран на седница која се одвивала по телефонски пат поради пандемијата со Ковид 19, но и поради тоа што времето е кратко и морало бро да се интервенира за да се дојде до назначување на нов селектор.

„Од 15 членови на Управниот одбор, 12 беа за назначување на Хорват за селектор. Еден од нив беше против, а еден воздржан, додека еден член не успеавме да го контактираме бидејќи беше недостапен. Според ова нема никаква судир ниту поделба во Ракометниот сојуз на Хрватска“, коментира Зоран Гобац.

Хорват веќе почна со извршување на својата задача како селектор и почна да ги крои плановите за квалификациите за Олимписките игри во Токио кои ќе се играат во март. Хрватска е во тешка група со Франција (домаќин), Португалија и Тунис.