Легендарниот Крумболц се повлекува во 2024 година, ривалот на Македонија ќе бара нов селектор!

Селекторот на женската репрезентација на Франција, Оливие Крумболц, кој на позицијата селектор е од 1998 година, за француските медиуми истакна дека по завршувањето на Олимписките игри (2024) ќе се повлече од селекторската функција.

Тоа значи дека Европското првенство во ноември, на кое Македонија заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир, ќе биде последното ЕП за искусниот стратег, кој со својата репрезентација освојувал голем број на медали на најголемите настани.

Репрезентацијата на Франција е еден од противниците на македонската репрезентација на Европското првенство во ноември, а Крумболц е единствениот селекторот повратник на ова натпреварување, бидејќи и на Европското првенство во 2008, на кое нашата држава беше домаќин, ја предводеше француската репрезентација, која тогаш не успеа да ја мине групната фаза.

Крумболц во периодот од 1992 до 1998 беше селекторот и на женската јуниорска репрезентација на Франција. Со своите избранички во 2003 и 2017 година го освои златниот медал на Светското првенство, златен медал освои и на Европското првенство во 2018, а најголемиот успех го постигна на Олимписките игри во Токио кога триколорките во финалето ја совладаа Русија и успеаја да го освојат златото.