Лазаров и Нант победнички се враќаат од Русија, лесна победа и за ГОГ

Екипата на Нант во рамките од 4. коло во Лига на Европа беше подобар противник од Чеховски медведи, триумфираше со 35:31 во натпревар од Групата Б.

Во првото полувреме беа постигнати вкупно 35 погодоци, тоа доволно говори дека двете екипи не беа доволно фокусирани на својата одбрана. Сепак, екипата на Нант беше супериорна, најчесто имаше водство од три до четири гола разлика во првото полувреме. Гостите од Франција имаа водство од 9:6 по петнаесетина минути игра и со ист ритам продолжија во преостанатиот дел. Домаќините преку Котов се обидуваа да се вратат во игра, но на полувреме мораа да заминат со негатива од минус пет, 15:20.

Чеховски медведи со серија од два гола намали на минус четири во второто полувреме, 17:21. Нант влезе во серија на неколку грешки и за момент го врати својот противник во игра. Проблем плус за ракометарите на Чеховски медведи беше голманот на противничката екипа, Нилсен кој не дозволуваше лесни погодоци во вторите 30 минути. Во текот на 45. минута, Нант имаше предност од три гола, 28:25. При самиот крај, малата опуштеност на гостите беше причина за домаќините на намалат на пристојна негатива за конечни 35:31.

Ривера и Калваканти беа најефикасни во Нант со по шест погодоци. Во Чеховски медведи се истакнаа тројца играчи со по шест погодоци, тоа беа Александар и Кирил Котов, како и Александар Ермаков. На овој натпревар репрезентативецот и селектор на Македонија, Кире Лазаров успеа да постигне два погодоци во мрежата на противникот.

ГОГ беше убедлив во натпреварот против Бенфика со 33:25. За данската екипа ова беше трета победа во новата сезона во Лига на Европа.

Ракометарите на ГОГ уште од самиот почеток имаа лесна задача во дуелот против Бенфика. Со одличниот Толбринг во нападот и расположениот Бергеруд, кој имаше пет одбрани за десетина минути, екипата од Данска во текот на првите 30 минути константно беше во високо водство. По почетните 4:1, ракометарите на ГОГ полека, но сигурно ја градеа својата предност. Домашната екипа влезе во кризен период и речиси девет минути не постигна погодок. Избраниците на Николеј Крикау имаа плус пет во првата половина од првиот дел, 10:5, и плус девет гола разлика, 14:5, по дваесетина минути игра. ГОГ рутински го одработи последниот дел од првото полувреме и на пауза замина со предност од 17:10.

По десетина минути игра во второто полувреме, ГОГ имаше сигурна предност од 22:13. Големата разлика и квалитет помеѓу двете екипи не даваше голема надеж за помал пораз на домаќините. До крајот на натпреварот немаше поголеми промени на теренот. За ГОГ, последните десет минути од самиот финиш беа полесен тренинг.

Најефикасен во победничката екипа беше Џери Толбринг со 11 погодоци. Во составот на Бенфика прв стрелец беше интернационалецот од Србија, Петар Ѓорѓиќ со шест погодоци. Во 5. коло, ГОГ ќе се соочи со Нант на домашен терен во Данска.