Goran KRSTEVSKI (25) during the handball match North Macedonia vs Denmark, Men’s EHF EURO 2022 Hungary, Slovakia, Debrecen ,Hungary, 17.01.2021, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Македонски репрезентативец го засилува Охрид!

Амбициозниот тим на Охрид, кој минатиот викенд означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона 2023/24, ангажираше нов ракометар.

Според информациите на 24Ракомет, ново лице во тимот на Стевче Алушовски ќе биде повремениот репрезентативец на Македонија, Горан Крстевски.

Во периодот на селекторот Раул Гонзалес средниот бек доби шанса во македонската  репрезентација, а редовно е на поширокиот список на селекторот Лазаров.

Ресенчанецот во претходните сезони настапуваше во дресот на австриски Линц  и Фочани од Романија, каде градеше успешна интернационална кариера.

На негова адреса за следната сезона имаше неколку интересни понуди, а како најдобра за неговите услови излезе понудата од Охрид.

Организаторот на играта потекнува од Ресен и како играч се афирмираше во првиот и вториот тим на некогашниот македонски шампион Металург.

Крстевски беше дел и од тогашниот тим на Еурофарм Работник пред да замине во странство. Со тимот од Битола и со Металург настапуваше во Лигата на шампионите и неговото меѓународно искуство ќе биде од голема помош за охриѓани.

Охрид во своите редови ги донесе Бобан Ристевски, Милорад Кукоски, Гоце Ојлески, Никола Стоилевски, Даниел Ѓорѓески, Берин Бркиќ, Теимураз Орјоникидзе и Рудолф Сафранко.

Екипата на Алушовски во текот од првата фаза од подготовките ќе има проверка на силите против Еурофарм Пелистер и Вардар.

Охриѓани ги очекува и организација на турнирот „Крсте Андоновски Усташ“ со осум екипи од 23 до 26 август.

Подновениот Охрид за ривали во регуларниот дел од новата сезона во Супер лигата ги има Струга, Куманово, Тиквеш, Скопје, Алкалоид, Еурофарм Пелистер 2 и дебитантот Аеродром.