„Кратење на плати мора да има, но тоа да биде транспарентно“

Директорот на Бундеслигата, Франк Боман во интервју за sport1.de зборуваше за финансиските проблеми на клубовите кои учествуваат во германскиот шампионат и нивното справување со кризата.

Сите клубови ги намалуваат платите на ракометарите, а Боман смета дека најдобро би било во договор со ракометарите да се одреди колкаво ќе биде намалувањето на нивната плата.

„Не треба да имате големи математички вештини за да погодите што треба да се случи. Ќе мораме значително да ги намалиме трошоците, во спротивно не можеме да ја надминеме кризата. Треба да има кратење и кај играчите и кај тренерите. Потребно е намалување на трошоците за клубовите да преживеат економски. Според мое мислење, договорот за намалување на платите на хокеарите за една четвртина од платите беше склучен на нивна штета. Ова не е наш начин. 25 проценти не е решението, во некои клубови намалувањето треба да биде позначајно. Ова е многу непријатна ситуација, преговорите ќе бидат тешки. Во исто време, неопходно е да се обезбеди итно враќање на примањата на играчите во случај на позитивен финансиски развој на клубовите. Препорачуваме клубовите да преговараат што е можно по транспарентно. Бидете искрени, тогаш играчите ќе имаат разбирање. Сигурен сум во тоа. Клубовите не треба да ги намалат платите со цел да имаат поголем профит, туку да го направат тоа за да ја надминат кризата и да можат да продолжат да играат ракомет и во иднина“, рече Боман.

Забраната за собири во поголеми групи која е на сила во Германија до 31 август доколку продолжи и на почетокот на сезоната би била голем удар за екипите. Тие би морале да играат пред празни трибини, а приходите од билети се меѓу најголемите за клубовите. Претходно Боман осврнувајќи се на овој проблем запраша дали би требало да започне сезоната без навивачи.